Државниот ски центар „Попова Шапка“ на своите официјални профили на социјалните мрежи објави содржина со која ја слави независноста на Косово.
Во објавата на албански јазик стои: „Прославуваме Независноста на Косово на Попова Шапка. По повод 17-ти февруари, Денот на Независноста на Косово, организираме супер прослава за вас!“
„30% попуст на ски билети и многу повеќе! Од 12:30 до 15:00, Ski Kafe “GE” ќе ве забавува со живо музичко изведување од Луле Ибрахими и Ветон Сопоти. Од 18:00 до 21:00, уживајте во ноќно скијање и енергична атмосфера со музика од DJ Lil Miss на Ski Kafe "Два Седишта". Придружете ни се и станете дел од најголемата прослава на Попова Шапка!“, се вели во постот споделен на социјалните мрежи.
Овој потег предизвика реакции во јавноста, имајќи предвид дека станува збор за државен ски центар кој одбележува национален празник на друга држава. Настанот е закажан за 17 февруари, а организаторите најавија музика, забава и специјални активности за посетителите.