Државната секретарка во МВР, Несторовска на Регионална конференција за реадмисија

Државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска денеска учествуваше и имаше воведно обраќање на Регионалната конференција за реадмисија, организирана од Регионалниот центар на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ), како дел од проектот „Намалување на илегалната миграција кон Европската унија преку зајакнување на капацитетите на структурите поврзани со миграцијата во Западен Балкан“.

Конференцијата, информираат од МВР, на која присуствувале  претставници на државите од регионот, била одлична можност на едно место да се соберат сите релевантни чинители, експерти за реадмисија, регионални и меѓународните партнери, претставници на земјите на потекло на илегалните мигранти и баратели на азил.

Во воведното обраќање Несторовска констатирака дека кога зборуваме за реадмисија, не мислиме само на едноставна постапка на враќање на лицата во нивните земји на потекло.

– Напротив, концептот реадмисија опфаќа одржливо враќање и реинтеграција на лица во нивните земји на потекло. Без разлика дали станува збор за доброволно или присилно враќање истото мора пред сè да се реализира со целосно почитување на фундаменталните права и да биде реализирано на безбеден и достоинствен начин. Од тие причини и во интерес на самите лица кои треба да бидат вратени, соработката меѓу земјите од засегнатите региони би требало да се интензивира на начин што ќе овозможи реализирање на процесот на враќање во што е можно пократок рок и на што е можно похуман начин за засегнатите лица. Во таа насока, подобрувањето на соработката би требало да се насочи не само кон потпишување на договори за реадмисија (или други договори кои го регулираат и прашањето на реадмисијата) туку и нивна практична имплементација, како и овозможување на платформа за брза комуникација и соработка и во фазата на враќање и во подготвителната фаза, навела Несторовска, државен секретар во МВР.

Конференцијата имала за цел подигање на свесноста за проблемите и предизвиците, како и можност за размена на искуства и добри пракси во однос на договорите за реадмисија и нивното практично спроведување.