Државната ревизија со неповолно мислење за работењето на ПОЦ: Ненаплатени милиони, неправилности во платите и јавните набавки

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизија на усогласеноста на работењето на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје за 2024 година, при што изрази неповолно мислење за финансиските извештаи на претпријатието. Според ревизорите, тие не ја прикажуваат вистинито и објективно финансиската состојба, успешноста и паричните текови на ПОЦ, додека за усогласеноста со законите и прописите е дадено мислење со резерва.

Ревизорскиот извештај укажува на сериозни слабости во финансиското управување, сметководственото работење, јавните набавки, пресметката на платите и системот на внатрешна контрола, како и на повеќе неправилности кои делумно се повторуваат уште од ревизијата спроведена во 2015 година.

Еден од најсериозните наоди се однесува на побарувањата на претпријатието. ПОЦ евидентирал побарувања во износ од 80,12 милиони денари, од кои најголемиот дел се стари повеќе години. За значителен дел од нив не биле преземени сите законски мерки за наплата, ниту било извршено нивно обезвреднување, иако постои сериозна неизвесност дали ќе бидат наплатени. Во текот на 2024 година биле отпишани и побарувања од физички лица во вредност од 2,22 милиони денари, без да биде пресметан и уплатен данок на личен доход од околу 247 илјади денари.

Ревизијата утврдила и дека на крајот на 2024 година ПОЦ имал неизмирена обврска од 86,36 милиони денари за комунална такса за паркирање кон Општина Центар. Од оваа сума, 79,05 милиони денари се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година. Според ревизорите, ваквата состојба резултирала со помали приходи во буџетот на Општина Центар.

Во извештајот се наведува и дека годишната сметка била изготвена врз основа на незаклучени деловни книги, не биле навреме извршени завршните книжења, а во текот на ревизијата биле направени 148 ретроактивни книговодствени записи. Претпријатието немало усвоени сметководствени политики, а биле утврдени и неправилности во евидентирањето на основните средства и пресметката на амортизацијата.

Ревизорите констатирале неправилности и при пресметката на платите. Правилникот не бил усогласен со важечките закони и колективниот договор, биле утврдени неправилно определени коефициенти, неутврдена вредност на бодот, несоодветна исплата на додатоци за сменска работа, неправилности при пресметката на боледувања и недостиг на документација за дел од исплатите.

Дополнително, ревизијата укажува на слабости во благајничкото работење, непостоење функционална внатрешна ревизија и неправилности во јавните набавки. Од ревидираните 27 постапки, неправилности биле утврдени кај договори вредни 4,59 милиони денари, меѓу кои непропорционални услови што ја ограничувале конкуренцијата, непрецизни технички спецификации, задоцнети известувања и недостиг на документација. Посебно е издвоен договор за систем за затворен паркинг вреден 2,82 милиони денари со ДДВ, кој подоцна бил раскинат поради утврдени пропусти.

Ревизијата утврдила и дека пописот за 2024 година не ги опфатил сите средства, побарувања и обврски, не биле потврдени салдата со купувачите и добавувачите, а било констатирано и несогласување меѓу фактичката готовина во благајната и сметководствената евиденција.

Дополнително, ПОЦ во моментов е тужена страна во 14 судски постапки со проценета вредност од 122,02 милиони денари, што, според ревизорите, претставува значителен финансиски ризик за идното работење на претпријатието.

Во извештајот се наведува дека дел од констатираните слабости, меѓу кои проблемите со пописот, благајничкото работење и внатрешната ревизија, биле утврдени и во ревизијата спроведена во 2015 година. Од тогаш дадените осум препораки, четири биле целосно реализирани, две делумно, а две воопшто не биле спроведени.

По доставувањето на нацрт-извештајот, ПОЦ презел одредени корективни мерки, но од доставените забелешки 11 не биле прифатени, четири биле евидентирани како информации за преземени или планирани активности, а само една била прифатена како техничка грешка.