Државен извиднички ориентационен натпревар на Водно од денеска до недела

Околу 150 извидници од цела Македонија од денеска до недела ќе учествуваат на Државниот извиднички ориентационен натпревар што ќе се одржи на Водно во Скопје, во организација на Сојузот на извидници на Македонија.

Натпреварувачите се поделени во неколку категории и тоа развигорци од 7 до 11 години, извидници од 12 до 15 години, истражувачи од 16 до 18 години и ровери од 19 до 24 години.

Учесниците ќе се натпреваруваат во најразлични извиднички вештини како што се ориентацијата и движење во природа, подигање на логор, морзеова азбука итн.

Државниот извиднички ориентационен натпревар е последното 10-то коло од Извидничката лига, која започна во април годинава, која што е поддржана од страна на програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика Мобилитас.