Државата најтешко ги собира даноците од ЈП и општините

Седум државни и општински фирми се меѓу 50-те најголеми должници на државата, која само од нив побарува вкупно 13,5 милиони евра.

На листата на Управата за јавни приходи, заклучно со 31 јануари, Македонија пат е најголем должник меѓу државните и општински фирми, а должи 5,1 милиони евра.

Меѓу милионските должници се и комуналните претпријатија од Гостивар и Тетово, како и МРТ, чиј долг е главно по основ на данок на добивка. Следуваат ЈП за стопанисување со објекти за спорт, чиј долг изнесува 800.000 евра, а Општина Карпош должи 680.000 евра.

Меѓу поголемите должници е и МЖ Инфраструктура, чиј долг е по однов на ДДВ и изнесува околу 580.000 евра. Оттаму велат дека причина за долгот се ненаплатените фактурите што ги издале кон МЖ Транспорт во износ од 2,3 милиони евра.

“За таа цел меѓу МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт склучен е Договор за превземање на даночниот долг по основ на ДДВ, со кој Транспорт како превземач на долгот на Инфраструктура ќе го исплаќа даночниот долг кон УЈП континуирано и сукцесивно од нивните месечни побарување по основ на повеќе платен ДДВ.

Тоа значи дека долгот по основ на ДДВ на МЖ Инфраструктура согласно со овој Договор е превземен од страна на МЖ Транспорт кои континуирано и месечно го подмируваат”, пишува во соопштението од МЖ Инфраструктура.