Државата ќе дава неповратни грантови за отворање на домови за стари лица

Државата има потреба од зголемување на згрижувачките капацитети за стари лица, за која цел ќе додели десет неповратни грантови во висина од 750 000 денари за да стимулира нивно отворање. Се очекува домовите да имаат капацитет од 400 до 500 лица, но и да отворат околу 50тина работни места.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ги повика сите заинтересирани за отоворање на приватен дом за згрижување на стари лици да ја искористат можноста да добијат неповратни сретства од државата во висина од 12 000 евра. Заменик-министерот изјави дека по овој принцип досега се отворени 17 вакви домови.

Проектот на владата е започнат пред 3 години, кога на заинтересираните им е овозможено да набават земјиште за 1 евро по метар квадратен, намалени такси за градба и поволни кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот. Грантовите кои се доделуваат претставуваат поволност плус за сите заинтересирани да вложат во ваков вид на бизнис.

Неофицијално на конкурсот се веќе пријавени повеќе од 10 кандидати, а бројката се очекува да расне. По одредено време ќе се направи пресек на апликациите и ќе им бидат доделени парични сретства на најквалитетните бизнис-планови. Секој од домовите треба да има капацитет од најмалку 40 лица и 4 работни места отворени за пополнување. Зголемувањето на бројот на вакви институции, освен тоа што ќе ги зголеми капацитетите ќе направи и конкуренција на пазарот што ќе придонесе за квалитетот на услугите.