Дрва, струја или парно – што е најисплатливо за затоплување на домот?

Со доаѓање на есетна, секогаш се наметнува и прашањето како ќе го затоплуваме домот и кое грејно тело е најисплатливо. 

Кој систем за греење е најисплатлив?

Експертите децидни – топлотните пумпи односно клима уредите со инвертор имаат највисок коефициент на искористеност на енергијата.

Колку чини греење на домот оваа сезона?

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со помош на огревно дрво. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.
Оние кои се греат на парно ќе платат повеќе од оние кои се греат на дрва. Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати е 2.000 денари или 24.000 денари годишно. Негативна страна е и што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома. Грејната сезона почнува на 15 октомври, а ќе трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.

Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари. Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Сепак и оние што имаат парно или користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја. Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.