
Три лица се лишени од слобода во одделни полициски акции во Велес и Тетово, при што биле пронајдени различни видови дрога.
На 5 октомври во 14:10 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода 54-годишниот Љ.М. од Велес. По претходна наредба од Основниот суд Велес, полицијата извршила претрес во неговиот дом и помошни простории во село Војница, општина Чашка.
„При претресот биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, марихуана и дигитална вага“, соопшти МВР.
Во Тетово, пак, на истиот ден во 21:20 и 21:55 часот, полициски службеници од мобилниот тим „Task Force“ при СВР Тетово ги лишиле од слобода 20-годишниот Б.Р. и 50-годишниот Д.С., двајцата од Тетово.
„При извршен преглед над Б.Р. била пронајдена и одземена марихуана, додека при извршен преглед над Д.С. бил пронајден и одземен хероин“, наведуваат од МВР.
Тројцата биле задржани во полициска станица, а за случаите бил известен јавен обвинител.
„По документирање на случаите против лицата ќе следуваат соодветни поднесоци“, соопшти полицијата.