Драстичен пораст на исклучени поради неплатена струја

Бројот на исклучени потрошувачи поради неплатени фактури за потрошена електрична енергија во 2017 година изнесува 19.477 и во целост се однесува на исклучени домаќинства, пишува Фактор.

Кај овој индикатор има значително зголемување за 166,8 отсто, споредено со 2016 година, кога бројот на вакви исклучувања изнесувал 7.299, покажуваат податоците добиени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Регулаторната комисија за енергетика континуирано го следи и комерцијалниот квалитет  на услугата снабдување со струја. Во 2017 година следењето на комерцијалниот квалитет на електрична енергија исто така отпочна да се врши преку новиот систем за маркет мониторинг.

Во рамки на ЕВН Македонија АД Скопје, како носител на лиценцата за снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи, постои Центар за односи на корисници, кој е одговорен за евидентирање, следење, анализа како и за преземање на мерки за подобрување на комерцијалните услуги.

Вкупниот број на телефонски јавувања во Центарот за односи со корисници во 2017 година изнесува 624.614 и споредено со 2016 година, кога бројот на телефонски јавувања бил 549.528, кај овој индикатор има зголемување за 13,66 отсто. Дополнително, бројот на пристигнати поплаки по електронска пошта во 2017 година изнесува 55.570, бројот на поднесени писмени поплаки преку архива е 46.020, додека бројот на евидентирани директни посети на потрошувачи изнесува 209.793, или вкупниот број на комуникации на потрошувачите со Центарот за односи со корисници на ЕВН Македонија АД Скопје во 2017 година изнесува 935.997.

Во однос на приговорите за снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во 2017 година, пристигнати се вкупно 31.680, од кои одобрени се 24.239 приговори, додека 7.225 се одбиени. Просечно време на одговор по приговор во 2017 година изнесува 45 дена.