Драг принцу: Не се грижи, те чекам...

Понекогаш доаѓа време кога сопствениот живот ти мава толкав шамар што конечно прогледуваш. Луѓето кои ме сакаат постојано ми зборуваат: „Немој да се помируваш со помалку од она што заслужуваш“, но ете понекогаш во хаосот од сопствените желби, нетрпеливост и потреби, почнуваш да се губиш и да се гушиш како да пропаѓаш во жива кал.

Почнува да те фаќа паника, па се фаќаш за првите гранки кои успеваш да ги дофатиш, а не гледаш дека тие се тенки, трули и не можат да ја издржат твојата тежина. Добро е што пукаат пред да те извлечат на обалата која нуди спас од гушење, но не и од умирање. Обалата е лизгава и лесно може повторно да те турне во калта и со секое ново туркање имаш сѐ помалку сила за повторно да се бориш.

А кога гранката ќе пукне пред да помислиш дека си спасен, дури тогаш ја здогледуваш онаа подебелеата и поцврста гранка која е малку подалеку, но не е и недостижна и која те влече нагоре, кон облаците, кон мирот и спокојот.

Моите гранки често пукаа, а јас секојпат се фаќав за нова, знаејќи дека е слаба и се убедував себеси дека овојпат нема да пукне. И последниот пат пукна толку силно што паднав како никогаш дотогаш. Се трудев да најдам сила, но залудно беше. Изгубена се барав себеси низ лавиринт чиј излез не можев да го најдам. Кога на човек му е топло ќе ја соблече јакната, но кога ви е неудобно во сопствената кожа не можете да направите ништо. Се чешате, вриштите, плачете и молите, но таа станува уште потесна. Лутав помеѓу ходниците на осаменоста и ходниците на можностите, но ништо од тоа не ми нудеше излез, само тегоби. Понекогаш ќе видам дел од себе во некое огледало, минуваш, песна, на улица и се трудам да го соберам секој дел за да не го уништам додека не го однесам на местото каде што ги чувам сите парчиња. Полека ги спуштам на земја и почнувам да ги составувам, но деловите кои недостасуваат се толку добро скриени. И јас си велам: „Мора да има начин, решение и каде и да се наоѓаат – јас ќе ги најдам.“

И ги пронајдов. Мојот излез се појави во три лица: Во пријател, пишаниот збор и составената сложувалка од него – оној кој допрва доаѓа.

Го прегрнуваш пријателот, го сослушуваш, си се жалиш, си се исплакуваш и потоа молчиш со него, но тоа мора да биде прав пријател. Тој ја наоѓа изгубената ТИ и ти ја покажува, но само ти можеш да си ја вратиш назад. Таа е дива, недофатлива, срамежлива, лута, тажна, повредена, плашлива и агресивна. Само ти можеш да ја припитомиш и скротиш. Мојата чекаше, упорно, верувајќи, понекогаш трпеливо, понекогаш не.

Се хранев со читање, голтајќи ја секоја буква, секој збор и со тоа си ја вратив силата да се соочам самата со себе. Кога покажав дека имам сила, срамежливо и плашливо се појави моето ЈАС. Седевме една наспроти друга, се соочувавме и со она што сме и со она што не сме. Почнувам да се згрчувам, тресам и плачам, сфаќам дека ја сакам и дека никој не може да ме сака како што се сакам себеси, т.е неа, мојата внатрешна ЈАС. Сфаќам дека си простувам сѐ, затоа што никој друг нема да го направи тоа. Сфаќам дека само јас можам да се разберам и прегрнам дури и кога ќе згрешам. Сфаќам дека сите мои уверувања дека за мојата среќа задолжен е некој друг – паѓаат во вода.

Верувам во визуализација и остварување на своите соништа. Законот на привлечноста. Универзумот кој слуша, а нам ни останува да му ги кажиме нашите желби. Почнав да му раскажувам за него.

Постојано е тука, секое утро и секоја ноќ. Го слушам во секоја тишина и го препознавам во секоја песна. Секоја победа му ја посветувам на него, секој ден се средувам за него. Го водам секаде каде што одам.

Уште сега ги сакам тие раце кои никогаш не ме милувале, гласот кој никогаш го немам слушнато, усните кои никогаш не ме бакнале, прегратката во која никогаш не сум потонала, погледот кој никогаш не ме парализирал, насмевката која никогаш не ме разоружале. Чекам, трпеливо и се чувствувам пријатно верувајќи во неговото постоење. Замислувам каква експлозија ќе биде тоа кога нашите енергии ќе се сретнат.

Замислувам каква е бојата на неговиот глас кога се смее, плаче, кога е лут или тажен. Замислувам каква му е косата, дали е остра, мека или нешто помеѓу. Замислувам како мириса кога ќе излезе од туширање, после водење љубов. Замислувам колку силно ме прегрнува...

И сѐ додека го правам тоа – верувам дека постои и знам дека постои!