
Во Кривичниот суд во Скопје, Обвинителството побара доживотен затвор за обвинетите во случајот со киднапирањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Случајот кој длабоко ја потресе јавноста кон крајот на 2023 година, влегува во својата завршница со изнесување на завршните зборови.
На денешното рочиштето обвинителките Ана Стоилковиќ Димитровска и Жаклина Јосифовска Крстевска ги изнесоа своите завршни зборови.
Тие побараа доживотна казна затвор за првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, како и за обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Обвинителството смета дека делата се сторени со умисла и на свиреп начин, при што жртвите биле киднапирани на ист начин. Според обвинителството, обвинетите не покажале каење за сторените дела.
Обвинителството тврди дека по извршените злосторства, обвинетите ги сокриле сите траги и го уништиле оружјето.
Обвинителката Стоилковиќ Димитровска истакна дека нема олеснителни околности за обвинетите.
Во однос на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, Обвинителството побара соодветна затворска казна, останувајќи на ставот дека тој учествувал во планот за грабнување на сопствената ќерка. Обвинителката Димитровска нагласи дека само тој го знае вистинскиот мотив за неговата вмешаност. Како што се наведува во обвинителниот акт, се претпоставува дека мотивот за киднапирањето на Вања бил користољубие, односно барање откуп од близок член на семејството.
Панче Жежовски од Велес бил убиен неколку дена пред Вања, а неговото возило било искористено во киднапирањето на девојчето. Обвинителството ги товари истите лица за двете киднапирања и убиства.
Семејствата на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, преку своите правни застапници, се приклучија кон барањето на Обвинителството за изрекување доживотни затворски казни за сторителите. Тие, исто така, побараа Судот да им определи правичен паричен надоместок за претрпената душевна болка во оваа кривична постапка, наместо да ги упатува на дополнителна граѓанска постапка.
Обвинителката Ана Стоилковиќ Димитровска во своите завршни зборови потенцираше дека „ниту една казна нема да биде доволна за семејствата на жртвите“.
Судењето продолжува со завршните зборови на одбраната, по што судот ќе треба да донесе пресуда.