
Засилениот дожд и ниските температури што вечерва го зафатија Скопје предизвикаа појава на голомразица и опасни услови на сообраќајниците, а дел од улиците се претворија во вистинско лизгалиште. На социјалните мрежи граѓаните споделуваат апели за зголемена внимателност и одговорно учество во сообраќајот.
Како особено критични се посочуваат сообраќајниците во близина на трговскиот центар „Веро – Џамбо“, додека патниот правец од Водно кон манастирот „Свети Пантелејмон“ е целосно затворен за сообраќај.
Апели за внимателно возење пристигнуваат и од приградските населби, при што како една од најризичните точки се наведува патот од Драчево кон Јурумлери, каде условите на коловозот значително го отежнуваат сообраќајот.
Неповолна е состојбата и надвор од главниот град. На патниот правец Гостивар – Стража има појава на неколку одрони, што дополнително го отежнува одвивањето на сообраќајот.
Според најавите од метеоролозите, утре во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег, додека попладне и во текот на ноќта врнежите ќе преминат исклучиво во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.