Дожд, ветер и заладување за време на викендот

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за утре најавуваат сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Минималните температури низ државата ќе бидат во интервал од 12 до 18 степени, а максималните ќе се движат од 28 до 35 степени Целзиусови.

Од УХМР исто така посочија дека под влијание на циклонска активност за време на викендот ќе преовладува променливо облачно време со врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со наврнати над 15 литри на квадратен метар, проследени со грмежи и засилен ветер претежно од северен правец со брзина од над 40 километри на час.

Од сабота дневната температура ќе биде во опаѓање. Потоа до средината на следната седмица следува релативно стабилно и посвежо време.

Во Скопје за време на викендот ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.