Доволна ли е една плата за да се прослави матура?

Во тек е сезоната на матурите. Матурантите средени и модерни, џебовите на родителите празни. Колку пари се потребни за еден вечер матурантите да изгледаат убаво, а родителите да прослават со најблиските? Некои велат дека поминуваат скромно, но некои даваат многу големо значење на овој еден ден.

Триста евра – за некои во просек доволно пари за одбележување на матурската вечер, а за други минимален буџет само за шминка и фустан. Колку се троши или веќе се потроши за една свечена вечер, која според многумина родители и средношколци би требала да се памети цел живот.

Судејќи по размените на интернет форумите, просечната цена по човек за славење матура е 1.200 денари за хотелот и уште 1.000 денари за дискотеката по свеченоста. Попознатите бендови бараат и по 120.000 денари за свирка. Приказната не завршува со резервирање на хотел и купување влезница за дискотека.

Што ги мотивира гордите родители да потрошат од една до две просечни месечни плати за една вечер, со цел да го одбележат успехот на дете кое завршило не вишо, не високо туку средно образование?

-Мојот син е матурант. Тој за гардероба потроши околу 400 евра. Матурската прослава со роднините и пријателите ќе ја славиме во кафеана. Ќе имаме околу 70 гости. Убаво ни е. Се радуваме дека ова го дочекавме, вели скопјанката Виолета.

-Јас сум матурант. Не се расфрлувам многу. Сакам летово да одам на одмор, па затоа решив да поминам скромно. Нема да славам дома со гости, ќе имам само неколку другарки, вели матурантката Тамара.

-Мене ме чинеше многу оваа матура, но сметам дека тоа е посебен ден кој се памети цел живот. Ќе славиме дома со гости, ќе имаме околу 30 луѓе, додава Елена.

Родителите сакаат се да им дозволат на своите деца, па често се спремни и за да се задолжат за се да помине во најдобар ред.