Донирани лаптопи за ученици во гимназијата „Никола Карев“ и ОУ „Аврам Писевски“ во Скопје

Во гимназијата „Никола Карев“ и во  основното училиште „Аврам Писевски“ во Скопје денеска беа донирани лаптопи за ученици кои немаа соодветен ИТ-уред за следење онлајн-настава. Членки на  Стопанска комора за ИКТ – МАСИТ донираа  вкупно 30 користени компјутери, ги сервисираа и ги ставија  во функција. Со донацијата, како што информираат, ќе се покријат во целост побарувањата за уреди на учениците во овие две училишта.

Анита Никова, извршен директор на МАСИТ, изјави дека акцијата е мал пилот-проект со која првично опфатиле едно основно и едно средно училиште, а донациите на уредите и нивното сервисирање се од членките на оваа комора.

– Во овој наврат – од компаниите Нетцетера и ИНет, двете од општина Карпош. Планираме ова да биде континуирана активност која ќе се спроведува и во претстојните месеци, а наша огромна желба е да покриеме што повеќе училишта и да обезбедиме што поскоро доволно уреди за сите деца да можат да следат онлајн-настава оваа учебна година, истакна Накова.

Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, изјави дека индивидуалната граѓанска акција за помош на децата од социјално загрозени семејства, која ја иницирале МАСИТ, Центарот за управување со знаење, Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК Скопје и Амбасадата „Меѓаши“, би сакал да прерасне во сеопфатна мобилизација.

-Наша клучна задача како организации е да иницираме и поттикнуваме враќање на вистинските вредности за филантропија, солидарност и емпатија, подвлече  Змијанац.

Катерина Златановска-Попова, претставник на АСК Скопје, рече дека заедно покажале вистински пример за соработка, координација и истрајност, а Андријана Богдановска, директор на Центарот за управување со знаење, ги повика сите компании или институции кои сакаат да бидат солидарни во кризни времиња да ги контактираат, а тие се подготвени да го  споделат своето искуство во изминатите три месеци до финализирање на донацијата.

Таа е реализирана во координација со Министерството за образование и наука, одговорните лица во секторот за образование во Град Скопје и Општина Карпош, како и со  директорите на училиштата кои ќе ги распределат ИТ-уредите до  учениците на кои им се најпотребни.