Донеси стар апарат и земи ваучер со попуст за нов

Општина Центар од месец јуни започна со спроведување проект за собирање на отпадната електрична и електронска опрема.

Проектот се спроведува во партнерство со колективниот постапувач - организацијата Нула отпад од Скопје, која е задолжена за собирање и комплетен третман на отпадот. Планирани се 4 акции во урбаните заедници, кои ќе се спроведат секоја сабота во месец јуни.

Првата акција ќе се одржи во сабота 4 јуни, во населба Пролет, конкретно во просториите на УЗ Мирче Мацан (улица Пролет, пред Веро Џамбо), која ќе ги опфати и урбаните заедници: Раде Јовчевски - Корчагин, Славе Георгиевски - Шнајдерот и Крњево. Секој граѓанин што ќе донесе отпаден апарат од домаќинство, ќе добие ваучер со вредност да си купи нов апарат во ТехноМаркет или @Home, како партнери во проектот.

Координаторите за урбаните заедници ќе спроведат евидентирање на граѓаните што носат отпаден уред и ќе доделат ваучери во соодветна вредност, согласно листа на производи, подготвена од партнерските организации. Со проектот очекуваме воспоставување на организиран систем за собирање на отпадна електрична и електронска опрема, намалување на опасниот отпад на улиците, дивите депонии и во контејнерите, како и подигнување на јавната свест за опасниот отпад и потребата од негово организирано собирање и рецилирање, со цел заштита на животната средина и здравјето на луѓето.