Донесен акционен план за санирање на штетите од поплавите во рудниците на РЕК Битола

Краткорочни и среднорочни мерки се подготвени за брзо и ефикасно санирање на штетите во рудникот „Суводол“ на РЕК Битола.

На денешниот состанок на членовите на Управниот одбор на АД ЕСМ и на раководството на комбинатот донесен е акционен план за надминување на последиците од поплавите во рудниците на РЕК Битола.

Според податоците на стручните служби во РЕК Битола, во „Суводол“ се слеале околу 630.000 кубни метри вода, што претставува временски феномен незабележан во последните 20 години.

Од РЕК Битола денеска уште еднаш повторија дека производството на електрична енергија засега продолжува непречено, согласно планот и потребите на електроенергетскиот систем на земјата.

Во соопштението од Комбинатот информираат дека претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Државните електрани, Васко Ковачевски истакнал дека само со максимална ангажираност и посветеност на сите вработени во РЕК Битола и останатите подружници на АД ЕСМ ќе се совлада предизвикот, додека директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски изразил надеж дека со сопствени ресурси, а по потреба и со поддршка на надлежни институции во земјава, комбинатот успешно ќе ги санира штетите од поплавите.