Донаторска акција „Нахрани 10.000“

По повод „Неделата на солидарноста" денеска на 18 локации во шест градови –  Скопје, Битола, Неготино, Струмица, Кочани и Виница ќе се одржи Националната хуманитарната акција „Нахрани 10.000" за собирање храна, која е во организација на Мрежата „Сите сити" во координација со Ајде Македонија. Станува збор за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозените граѓани.

Целта е на граѓаните да им се даде можност да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање на 10 тони храна која ќе заврши во рацете на 10.000 граѓани. Препорачуваме сите хумани граѓани да донираат храна, која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук“, велат организаторите.

Тие додаваат дека според податоците на Државниот завод за статистика во земјава проблем да обезбедат храна имаат 450,000 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно.

„Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмлаку 11.6 милиони евра што може да се искористи како нова програма за социјална заштита“, посочуваат органиозаторите.

Организациите членки на „Сите сити" водат евиденција на различни категории на социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од оваа храна. Храната ќе се пренесува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, дел ќе се носи до нивните домови.

„Податоците со кои располагаат организаторите за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Заводот за статистика во однос на просечни примања по 4-члено семејство во Македонија. Кога ќе се распредели во денови и оброци, а притоа се спореди со цената на чинење на еден нутритивен оброк определена од Министерство за труд и социјална политика, 1 од 5 луѓе во Македонија не може да си ги дозволи сите оброка во текот на една година“, се вели во соопштението од организаторите на акцијата.

Според најновата студија на „Програмата на Обединетите Нации за животна средина" (УНЕП), една третина од произведената храна во светот или околу 1.3 милијарди тони завршува како отпад. Земјава и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, не се разликува од трендовите во развиените земји на фрлање храна.

„Околу 30 проценти од храната произведена или увезена во Македонија, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите. Покрај тоа што сме држава која се соочува со висока стапка на сиромаштија и социјална несигурност, според „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации" (ФАО), ние сме рангирани на осмото место во светски рамки по количина на фрлена храна според бројот на жители. Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на коишто им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата“, истакнуваат организаторите на националаната акција за донирање храна.