Домашни принцес крофни за кои сите ќе ви бараат рецепт

Кремасти и вкусни, ретко кој може да им одолее. Токму затоа вреди да го испробате домашниот рецепт за совршени принцес крофни од кои ќе ги излижете прстите.

Потребни состојки:

За крофни:

250ml вода

125g маргарин или путер

150g брашно

Прашок за печиво

2 лажички шеќер

4 јајца

Шеќер во прав

За фил:

500ml млеко

1 пудинг од ванила

2 лажички екстракт од ванила

3 јајца

6 лажици шеќер

4 лажици густин

100g путер

Подготовка:

За крофните:

Ставете ја водата, маргаринот и шеќерот заедно да зовријат. Измешајте го брашното со прашокот за печиво и додадете ги во водата. Оставете тестото да се олади. Во ладното тесто додавајте ги јајцата едно по едно, матејќи со миксер.

Од тестото правете крофни со готварски шприц или кеса во која ќе направите средно дупче, редете ги на тава покриена со хартија за печење. Рерната загрејте ја на 250 степени и печете 14-15 минути, па уште 20 минути на 150 степени. Не ја отворајте рерната додека крофните се печат. Откако ќе бидат готови оставете ги да се оладат.

За филот:

Изматете ги јајцата со шеќерот, додајте го екстрактот од ванила, пудингот од ванила, густинот и 200ml млеко. Преостанатите 300ml млеко оставете да зовријат. Кога ќе зоврие додајте ја смесата и варете како пудинг. Изладете го кремот и изматете го заедно со путерот.

Оладените крофни пресечете ги на половина, филувајте во средина, па посипете со шеќер во прав.