Домашна платежна картичка можe да се користи до 15 август

Домашна платежна картичка користат 305 илјади граѓани. Заклучно 1 август доделени се картички во вредност од 26,7 милиони евра, од кои корисниците до тој датум потрошиле околу 23 милиони евра. Ова се средства кои се вбризгани во домашната економија преку купување македонски производи и услуги, објави денеска на својот профил на Фејсбук министерката за финансиии Нина Ангеловска.

Со картичките се реализирани над 1,7 милиони транскации. Најголем дел од нив се во маркети (89 проценти), ресторани и храна (пет проценти) и текстил, облека и обувки (три проценти).

Ангеловска потенцира дека домашнaта платежна картичка има повеќекратен бенефит за граѓаните и економијата. Ја поддржува приватната потрошувачка, ги поддржува домашните производители и услужни дејности, придонесува за раздвижување на економската активност и за безготовинско плаќање.

Граѓаните-корисници кои не ја подигнале својата #ДомашнаПлатежнаКартичка можат се уште да го направат тоа до 15 август – кога е и крајниот рок за нивно користење, потсетува Ангеловска.