ДОМ: Современ концепт на одржлива урбана мобилност за Скопје, а не ширење улици

Зелената партија ДОМ го поздравува предлогот на Градот Скопје за претворање на центарот во пешачка зона, што велат дека е и нивна долгогодишна програмска заложба. Тоа е пракса на многу европски градови, а најдобар пример е Виена, која од најпрометната трговска улица Марија-Хилфер Штрасе направи пешачка зона, со многу нови содржини и зеленило, за слободно движење и дружење на граѓаните.

„Сметаме дека овој предлог има сериозен недостаток: предвидува проширување на улицата „Даме Груев“ и претворање во прометен булевар, со уништување на дрворедот и тротоарот. Целата таа обиколница е и резиденцијален дел и со ова би се нанесла голема штета на квалитетот на живот на граѓаните. Укажуваме, дека ширењето на улици во старо градско јадро заради поголем и побрз сообраќај е застарен плански концепт.  Светот, а Европа посебно, силно го промовира и применува современиот концепт на одржлива урбана мобилност и паметен град. Суштината е да се обезбеди мултифункционалност на градот, кој постои заради граѓаните, а не заради возилата! Се препорачува намалување на бројот на возила преку користење јавен транспорт, велосипеди и пешачење. Се вложува во електромобилност, велосипедски патеки, тротоари, пешачки зони, зеленило. Ефектот е поефикасен транспорт, помалку гужва во сообраќајот, помалку емисии на штетни издувни гасови, поголема безбедност во сообраќајот и поголема социјална интеграција. Накусо, поквалитетен живот на граѓаните“, велат од ДОМ.