Долгоочекуваниот пат за елитната населба Сончев град, набргу ќе биде пуштен во употреба

Долгоочекуваниот пат за елитната населба Сончев град, кој подолг период е вон употреба поради големите свлечишта што се појавија во текот на изградбата, се очекува набрзо да биде пуштен во употреба.

„Градежните работи целосно се завршени и во тек е процес на експропријација на земјиштето, вели за ТВ 24 директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кој посочува дека новата патна врска од центарот на Скопје до Сопиште и населбата Сончев град ќе биде пуштена за неколку денови или недели. 
  
„Градежните работи за патот се целосно завршени. Направен е и технички прием, но не можеме да го пуштиме во употреба додека не ја усогласиме документацијата со изграденото на терен. Поради големото свлечиште што се појавило, изместена е трасата, а тоа повлекува низа административни измени“ - вели Китанов.

Изградбата на патот за Сончев град почна во 2013 година по низа забелешки на еколошки организации кои и денеска посочуваат дека патот не е безбеден и дека се уште се појавуваат свлечишта.

Дел од граѓаните кои со велосипед се рекреираат низ Парк шумата - Водно велат дека почесто го користат патот затоа што нема минувачи, некои сметаат дека патот е опасен за употреба, а тие кои се чести посетители на Водно, имаат забелешки зошто се злоупотребува природата во време кога Скопје е загадено.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески пред неколку месеци најави дека регионалниот пат од Сопиште преку Водно до Центар, кој е долг 4,4 километри, е комплетно завршен и се очекува да биде пуштен во употреба на крајот јуни годинава.