Докторот Василевски денеска започна штрајк со глад - Клековски го повика да аплицира на друг оглас: „Доколку ги исполнува условите, ќе биде примен“

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека бил запознаен со случајот на докторот Дарко Василевски, кој од денеска штрајкува со глад пред Медицинскиот факултет во Скопје поради, како што тврди, дискриминација и нетранспарентност при вработување.

Сепак, Клековски посочи дека Министерството за здравство нема надлежност да постапува за вработувањата на Медицинскиот факултет.

„Запознат сум со случајот. Министерството за здравство не е надлежна институција за Медицинскиот факултет, како што знаете. Медицинскиот факултет е образовна установа, не е здравствена установа. Пред сè, надлежноста е на Министерството за образование“, рече министерот.

Изјавата доаѓа откако Василевски, по 15 дена во кои, како што вели, не добил одговор на неговите барања, постави шатор пред Деканатот и започна штрајк со глад. Почетокот на протестот беше објавен и денеска, а тој претходно најави дека ќе го преземе овој чекор доколку институциите не одговорат на неговите барања за транспарентност.

Инаку, Клековски посочи дека Министерството за здравство во моментов работи на вработување на втората група од 300 приватни специјализанти во јавното здравство и дека Василевски би можел да конкурира во таа постапка.

„Доколку докторот се пријави за таа група и ги исполнува условите, ќе биде примен во делот на јавна здравствена установа“, рече тој.

Сепак, тоа не се однесува на работното место за кое Василевски протестира. Неговиот случај е поврзан со оглас за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија при Медицинскиот факултет.