Доктор Белевска: Вагинална рејувенција e безболна метода за подмладување на вагинална регија со која ја подигнуваме и враќаме самодовербата кај жените

Во денешното интервју разговараме со млада и искусна жена-професионалец, доцент – доктор и гинеколог акушер и дел од тимот на Првата приватна здравствена устанува Ремедика. Таа вели дека во животот една улога не е доволна и додава дека ништо во животот не е тешко, а особено не да бидеш успешен и посветен доктор.

Апелира до жените, никогаш да ни ги заборават и другите улоги на мајка, пријателка, сопруга... до младите студенти на медицинскиот факултет испраќа порака да бидат упорни и посветени во тоа што го прават, а Хипократовата заклетва ќе им помогне да издржат во искушенијата на оваа професија.

Но, веројатно за да бидеш успешен во една професија, треба да бидеш во тек со времето и новините кои ги носи професијата, но и да бидеш поинаков од сите други.

Соочувајќи се со се поголем број пациентки со ниско либидо, неможност да доживеат оргазам, болки за време на односот таа добива идеја да ја усоврши оваа процедура. За една новина која за прв пат се изведува во Македонија, врз основа на искуство на доктори од Словенија, разговараме со доктор Јана Белевска која е дел од тимот на Ремедика.

Станува збор за Рејувинација на вагина (vaginal rejuvenation), процедура за подмладување на вагиналната регија. Тоа е еден од најсовремените третмани за затегнување на вагината без хируршки зафат и метода со која значително се подобрува здравјето, квалитетот на животот, но и самодовербата на пациентките.

Белевска вели дека PRP - вагинална рејувенација е метода за брзо едноставно и безболно решавање на проблемот на инконтиненција (неможност за задржување на урина), враќање на еластицитетот и влажноста на вагината, 0-shot во клиторис со што се подобрува сексуалното задоволство и додава дека дека станува збор за метода која е особено добра за жени кои имаат ослабен вагинален ѕид како последица на тешки породувања или жени во менопауза. Исто така е идеално решение за жените со проблем на  неконтролирано мокрење, атрофија на вагиналната слузница како последица на менопауза, како и за жените кои имаат проблем во сексуалните односи.

Ја прашавме Белевска што преставува PRP - вагинална рејувенација и за кого се препорачува таа?

(PRP) е всушност најсовремен третман за затегнување на вагината без хируршка интервенција, објаснува Белевска и додава дека (PRP)  ја нарекуваат и терапија со сопствени клетки зашто самата метода се базира на вбризгување на сопствена плазма, збогатена со хијалурон, во ткивото на вагината. Со тоа се постигнува  максимален ефект и се будат природните механизми за регенерација и репарација.

Оваа метода се препорачува за проблеми кои настануваат поради: слабеење на вагиналниот ѕид поради тешко породување или во менопауза, неконтролирано мокрење (кога се смееме, киваме, во тек на сексуалниот однос или при голем напор), атрофија на вагинална слузница што најчесто се среќава во подоцните години, зачестени вагинални инфекции и кај проблеми во сексуални односи кога жената по породување не чувствува сексуално задоволство.

Белевска појаснува дека станува збор метода чија цел е подмладување на вагиналната регија.

„Тоа е еден од најсовремените методи за затегнување на вагината без хируршки третман. Оваа метода го подобрува тонусот, јачината  и контролата на вагиналните мускули. Се препорачува за сите возрасти на жени кои имаат некој од овие проблеми. Нема горна граница на години за употреба на овој метод. Методата е од голема помош за жени по породување и за жени во менопауза и постменопауза“, објаснува таа.

Доктор Белевска понатаму додава дека станува збор за комплетно безболен третман за изведување. Метод во кој се земаат 20мл крв од пациенткта, истата се преработува и се збогатува со хијалурон  а потоа се аплицира со тенка игла во вагиналната регија. Пред аппликацијата се нанесува анестетичка крема. Интервенцијата се врши во амбулантски услови, целата процедура не е подолга од 15-тина минути и е целосно безболна.

„Важно е дека, пациентките по третманот веднаш може да се вратат на секојдневните активности. Ефектите се видливи по 3-4 недели.“ нагласува таа.

Ја прашавме Белевска, колку оваа тема е се уште табу помеѓу жените во Македонија?

Јана објаснува дека помладувањето на интимната регија за жал сѐ уште е табу тема  кај нас, но за среќа се поголем е бројот  на самосвесни жени кои сфаќаат кои се придобивките од овој третман

„Имено, годините на жените им носат мудрост и зрелост, но и проблеми. Најчесто не зборуваат јавно, но тоа не значи дека овие проблеми не им прават неугодност и не се обидуваат да ги решат. Особено оние што се грижат за своето здравје. Тие се свесни за промените што им се случуваат и се почесто бараат стручно мислење и помош“, појаснува таа.

Белевска јасно потенцира дека станува збор третман кој ќе им го подобри квалитетот на живот, ќе им ја врати самодовербата, чувството на задоволство и среќа на жените.

На крајот таа открива дека најголем број од жените ги истакнуваат позитивните искуства од третманот што подразбира исчезнување на болките при сексуален однос, зголемен интензитет на оргазам како и конечно решавање на инконтиненцијата - проблем кој воопшто не е за занемарување.

„Повеќето велат дека имаат зголемена сексуална желба поради поизразената чувствителност во текот на интимноста. Всушност, затегнувањето на вагиналните мускули, поголемата влажност и поголемата чувствителност на клиторисот доведуваат  до поздрав поглед на сексуалноста што според нивното искуство сериозно влијаело и на нивната самодоверба“, заклучува доктор Белевска.