Доктор Беќаровски за високата смртност од ковид: Замислете за само една и пол година да ни ги снема Крушево и Вевчани

Професор Д-р Нико Беќаровски, во својата последна објава на својот фејсбук профил, ја констатираше високата бројка на починати од корона, со акцент на вакцинацијата како заштита од оваа црна статистика. 

-Бројот на починати во Македонија од Ковид-19 надмина 6437. Ако оваа бројка не Ви изгледа страшно, замислете за само една и пол година да ни ги снема Крушево и Вевчани.  Премногу болно, премногу тажно. А дали можеше да биде помалку кобно? Да ги заборавиме на момент протоколите, кои според едни се премногу лабави, според други премногу рестриктивни, да ги заборавиме и здравствените работници, кои според едни се убијци, според други се херои, да го заборавиме и Министерот кој за некои е брилијантен, за други неспособен, да ги заборавиме и свадбите, журките, кафеаните, неодговорните граѓани, за момент да ги заборавиме и нечистиот воздух, нездравата исхрана, дијабетот, дебелината, хипертензијата итн, пишува тој. 

Дали можеше оваа црна бројка да е барем сива? - прашува Д-р Беќаровски. 

-ДА, СЕКАКО !!! Во Македонија од почетокот на јули вакцинацијата е слободна, без никакви термини и секој може да се вакцинира.Во периодот од 10-ти август околу 1000 наши невакцинирани граѓани починаа од Ковид-19, а можеа ако сакаа да бидат комплетно вакцинирани. Сите досега објавени студии укажуваат дека ризикот од смртен исход кај вакцинираните е најмалку 11 пати помал. Место 1000 нови гробови и расплачени семејства, тој број ќе беше помал од 90. Вчера починаа 42. наши граѓани, а не мораа, само МАЛКУ ДА И ВЕРУВАА НА НАУКАТА, вели Беќаровски. 

А можете ли само да замислите колку поубав и посончев ќе беше овој септемвриски ден, да бевме свесни како Данците и да имавме 81% вакцинирани, а не тврдоглави Балканци со само 37% вакцинирани, заклучува тој во својата објава која ја насловува како „Тажна македонска математика“.