Доколку користите јавен превоз ова треба да го знаете: ЈСП со важна информација за возниот ред

ЈСП ќе продолжи да вози по саботен возен ред затоа што има многу мал број патници кои го користат јавниот градски превоз. Зголемена фрекфенција на патници, вели градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, има само во перодите кога се оди на работа и тоа само на одредени линии. Тоа, појснува тој, се решава со зголемување на бројот на автобуси во тој период на денот.

– Возниот ред е саботен заради малиот број патници кои се превезуваат во текот на целиот ден и ги користат услугите на ЈСП. Само на неколку линии има зголемена фрекфенција на граѓаните и тоа само во утринските периоди кога одат на работа кога го зголемуваме бројот на автобуси на дневна основа. Заради пандемијата во одредени периоди имавме и дневна загуба од 55 илјади евра на целокупниот автобуски систем на транспортниот систем на Град Скопје. Во моментов и со вака редуциран возен ред правиме дневна загуба од околу 32 илјади евра. Мора да водиме сметка и за материјалната состојба на ЈСП, но и за Буџетот на Град Скопје, бидејќи од таму се префрлаат средства за загубите на ЈСП, рече Шилегов.

Тој вели дека во наредниот период ќе се види дали ќе продолжи слабата фрекфенција на патници или таа ќе се зголеми, по што ќе се бара оптимално решение кое, како што рече, ќе биде пред се во интерес на здравјето на граѓаните. Во моментов, рече Шилегов, може да се види дека во текот на денот не се користат автобусите со интензитет со кој порано се користеа.

Градоначалникот појаснува дека за повеќе од 40 милиони денари е падната продажбата на автобуските билети, што, како што вели, мора да се има превид.

– Нашите анализи покажуваат дека дневно на изминат километар во системот на јавниот транспорт на Град Скопје се превезуваат само 0,6 патници, а автобуска линија согласно договорите се укинува ако има помалку од 2,5 превезени патници по еден километар. Значи ние свесно со четири пати помалку превезени патници ги одржуваме линиите, затоа што нам здравјето на граѓаните ни е пред се, реше Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференцијата што ја одржа со градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.