Докажано: Цвеќето има моќ да ни го подобри расположението и да ни помогне да се поврземе со другите

Во 2005 година, професорката Жанет Хејвиланд Џонс испратила 3 различни видови пакети – свеќи, кошница со цвеќе и букет цвеќе на 147 различни жени. Тоа било еден вид на подарок за благодарност. 

Ваквиот гест претставувал и еден вид истражување, бидејќи таа утврдила дека жените кои добиле букет цвеќе биле најсреќни. Во едно свое поголемо истражување таа докажала дека цвеќињата имаат голема моќ да ни го подобрат расположението.

Во едно друго истражување спроведено од државниот универзитет во Њу Џерси, присуството на цвеќе во просториите во кои го минуваме денот го подобрува нашето емоционално здравје. Цвеќето предизвикува среќни чувства, го зголемува чувството на задоволство и имаат моќ за брзо време да го подобрат нашето расположение. 

Многу експерти посочуваат дека тоа се случува и сега за време на пандемијата, кога луѓето сфаќаат дека цвеќињата се меѓу малите нешта кои имаат огромна моќ да ни го подобрат расположението и да нè направат посреќни. Освен тоа, цвеќињата ни помагаат и подобро да се поврземе со другите луѓе, па затоа и со години тие се користат како симбол на љубовта, не само романтичната љубов, туку и на семејната и пријателствата. 

Во Јапонија, цвеќињата се симбол на живот, љубов, но и можност да се поврземе со другите. Тие имаат моќ да направат да се чувствуваме подобро кога се соочуваме со загуба, кога се чувствуваме тажно и осамено. Не можат да ги решат проблемите на светот, но имаат можност да направат нашите проблеми да изгледаат помали. Тоа е нешто што на сите ни е потребно.