Дојран добива нова скулптура посветена на рибарската традиција

Дојран ќе добие ново уметничко обележје посветено на рибарството и традицијата што со векови го поврзува локалното население со езерото.

Станува збор за скулптурата „Дојрански рибар“, дело на уметникот Никола Пијанманов, која ќе биде поставена на Езерското шеталиште во паркот во Стар Дојран.

Официјалното откривање и промоција на скулптурата се закажани за 5 ноември, во 12:30 часот. Настанот го организираат Центарот за современи уметности од Скопје и Општина Дојран.

Изработена од метал, со димензии 240 × 100 × 60 сантиметри, скулптурата претставува уметничка посвета на луѓето чиј живот и работа со генерации се нераскинливо поврзани со Дојранското Езеро. Преку ликот на рибарот, делото потсетува на традиционалниот начин на живот, знаењата и вештините што се пренесувале од генерација на генерација.

„Дојрански рибар“ е дел од проектот „Скулптурални инсталации/Топоними“ на Центарот за современи уметности – Скопје, финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамките на програмата за развој на креативните индустрии за 2026 година.Проектот се заснова на истражување на локалните вредности, приказни и традиции, со цел современата уметност да ги претстави обележјата по кои одредено место е препознатливо.

Авторот Никола Пијанманов е роден во 1981 година во Струмица. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на професорот Рубенс Корубин. Неговото творештво опфаќа сликарство, скулптура и сценографија, а зад себе има бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство.

Со новата скулптура, традицијата на дојранското рибарство добива трајно место во јавниот простор, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат со дел од културното наследство што го обликувало животот покрај езерото.