
Затворањето на легендарната сендвичарница „Седмица“ кај Грчката амбасада и натаму предизвикува силни реакции на социјалните мрежи, каде дебатата добива нова димензија. Освен носталгијата и спомените, сè почесто се отвора и прашањето за тоа што значи „култно место“ и како се менува урбаниот идентитет на Скопје.
На Твитер, дел од корисниците реагираат на коментарите кои ја доведуваат во прашање вредноста на „Седмица“, бранејќи го нејзиното место во колективната меморија на градот.
Ај вака, за 7ца кај Грчка амбасада. Дојденциве се исмеваат сме ја викале култна. Да, култна е! Прва беше пред 39 години кога немаше ништо друго и знаете што...одлична беше! На шалтерче едно само. И сега ја снемува за зграда каде дојденците ќе купат стан и ќе јадат сендвич за 1000
— Phryne from Sydney (@FrannieFrom) April 30, 2026
„Дојденциве се исмеваат сме ја викале култна. Да, култна е! Прва беше пред 39 години кога немаше ништо друго и знаете што... одлична беше! На шалтерче едно само. И сега ја снемува за зграда каде ќе купат стан и ќе јадат сендвич за 1000“, стои во една од објавите која предизвика бројни реакции.
Овој став отвори поширока дискусија за урбаните промени во главниот град, каде старите, препознатливи места сè почесто отстапуваат пред нови градби и модерни концепти. За едни, тоа е неминовен развој, но за други – губење на автентичноста и духот на Скопје.
Затворањето на „Седмица“ за многумина не е само крај на еден локал, туку симболичен момент што отвора прашања за тоа што останува од старото Скопје и како градот ќе изгледа во иднина.