Додека внимаваш на туѓите чувства, се прашуваш ли дали некој внимава на твоите чувства?

Нашите чувства не се само една од димензиите на нашиот живот, тие се нашиот живот.

Кога бевме деца, родителите често ни кажуваа дека мораме да се грижиме за чувствата на нашите браќа, сестри или некој друг член од семејството, ни кажуваа како мора да водиме сметка за нивните чувства, да ги тешиме кога се тажни, да ги охрабруваме кога им е тешко и на тој начин сме се научиле со најголема претпазливост да внимаваме на туѓите чувства. Доколку не сме воделе сметка за тоа, ни велеле дека сме бесчувствителни.

Растејќи со такви уверувања, научивме да водиме сметка за чувствата на луѓето кои влегуваа и излегуваа од нашите животи. Но, понекогаш останувавме изненадени кога ќе нѐ повредеа и си велевме дека не нѐ повредувале намерно. Но, како што се продлабочуваа тие повреди, и како што стануваа почести и поинтензивни, така станувавме сѐ позбунети и понемирни, сѐ додека не сфативме дека постојат луѓе на кои едноставно не им е гајле за туѓите чувства, а некои од нив не чувствуваат ништо додека ги газат туѓите чувства.

Сега, додека внимаваш на туѓите чувства, затоа што во тебе живее човек, човек кој верува во доброто во луѓето – се прашуваш ли дали некој внимава на твоите чувства? Колку од луѓето кои поминуваат низ твојот живот навистина се грижат за тебе? Колку од нив ги знаат твоите слабости, тешките моменти, колку од нив знаат за твоите сомнежи и стравови, колку од нив знаат за твоите болки и се обидуваат да ти бидат рамо за плачење? Колку од нив те изненадуваат со повик, порака, насмевка, стисок на раката, кога најмалку очекуваш?

Вистината е дека низ твојот живот ќе поминат многу луѓе во потрага по некој свој интерес, некој скриен мотив, но ќе пројдат и многу добри луѓе, луѓе кои те поддржуваат, охрабруваат, сочувствуваат со тебе, те прифаќаат и го прават твојот свет поубаво место за живеење. Заради таквите луѓе вреди да се внимава на туѓите чувства, вреди да се биде човек, да ги чуваш како капка вода на дланка, затоа што доколку ги повредиш, светот ќе изгуби една подобра страна. Навремено препознај ги тие луѓе и сподели го животот со нив!