„Додека сите се згрозуваме за Македониумот, погледнете го Аквадуктот“ – Ина МногуФина отвори дебата за грижата за културното наследство

Додека на социјалните мрежи сè уште траат реакциите поради снимањето музички спот во „Македониумот“ во Крушево, Ина МногуФина отвори уште една тема – состојбата на Скопскиот аквадукт.

Во објава на социјалните мрежи таа сподели споредба на Аквадуктот пред околу еден век и денес, посочувајќи дека јавноста бурно реагира кога станува збор за симболиката на културното наследство, но дека вниманието треба да биде насочено и кон неговата реална заштита и зачувување.

„И додека сите се згрозуваме за Македониумот, видете го Аквадуктот пред 100 години и сега“, напиша таа.

Во објавата посочува дека Скопскиот аквадукт е заштитено културно наследство со највисок степен на заштита како споменик од особено значење.

„Така да ве молам да не се праиме многу патриоти, во оваа држава само градежна маркица има вредност“, напиша Ина МногуФина.

Скопскиот аквадукт се наоѓа северозападно од центарот на Скопје, во близина на Визбегово, а денес се зачувани околу 55 негови лакови. Објектот се протега во должина од околу 386 метри и претставува еден од највпечатливите историски објекти од овој тип во земјава.

Неговото точно потекло и времето на изградба долго време се предмет на различни толкувања. Постојат теории што го поврзуваат со доцната антика и византискиот период, како и со османлискиот период, а неговата основна функција била снабдување на Скопје со вода.

Аквадуктот е изграден од камен и тула и низ вековите претрпел повеќе оштетувања и интервенции. Денес останува еден од најпрепознатливите, но и најчесто споменувани примери кога во јавноста се отвора прашањето за состојбата и заштитата на културното наследство во Скопје.