Додека се чека корона-тест на државно пациентот ќе оздрави, реагираат матичните лекари

Д-р Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, во гостување во ТВ Сител пред неколку дена реагираше на лошото менаџирање за ковид-тестирањата на државно, па така пациентите иако со години плаќале здравствено осигурување сега мораат да се тестираат на приватно. 

-Состојбата не е променета. После толку многу изјави и реакции сеуште се чека. 4-5 дена за внатрешноста, додека за Скопје е 7-11 дена. Тешко ни е на нас практичарите бидејќи ни е потребен ПЦР тест за да поставиме диференцијално-дијагностички дали се работи за корона позитивен или негативен пациент или нешто друго, рече таа. 

Пример е случајот со скопјанка која своето искуство го сподели за ТВ 24Вести.

Скопјанка со симптоми на Ковид требало да чека седум дена за термин за тестирање. Се обидела да закаже тест кај својата матична лекарка, но првиот слободен термин бил дури за седум дена.

Со оглед на тоа што не можела да чека, била приморана тестот да го направи на приватно. Она што ја револтира е што отишла во Институтот за јавно здравје каде и покрај тоа што немало гужви тестот и бил наплатен приватно.

„Отидов до ИЈЗ и прво се изненадив таму што никој не чека, најлогично ми беше дека ако нема термини за закжување ќе има полно луѓе кои што ќе чекаат за тестирање со термин. Внатре беше лаборантот, го прашав имате ли тестови ми одговорија дека има, може да се тестирам, но приватно затоа што немам термин. Платив приватно 1850 денари, си го платив и го добив резулатот за среќа немав корона, ама како и да е - јас требаше цела недела да чекам и да се прашувам дали имам или немам  корона, дополнително кој ќе ми даде мене оправдување на работа дека јас чекам тест?“ 

Матичните лекари за ТВ 24Вести потврдуваат дека за ПЦР тест во внатрешноста на земјава се чека 3 -4 дена, а во Скопје и по една недела. Велат дека додека чекаат за тест дел од пациентите оздравуваат.