Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на својот Фејсбук профил информираше дека како потпретседател на Европската Народна Партија во Конгресот и претставник на Совет на Европа дел е од набљудувачката мисија на Советот на Европа во пресрет на регионалните избори во СР. Германија.
„Со Делегацијата на Советот на Европа составена од 10 членови која ја предводи Дејвид Ерај од Швајцарија член на Европската Народна Партија, денес остваривме средба со Претседателот на Хамбуршкото Собрание Карола Вејт, регионалниот канцелар Јан Порксен, по што следат средби со членови на политички партии и кандидати кои се натпреваруваат на претстојните регионални избори“, напиша Арсовска.
Таа посочи дека конгресот учествува во набљудувачките мисии за локалните избори во 46-те земји членки на Советот на Европа, а од 1990 година досега има спроведено над 120 мисии за набљудување на избори, што е еден од акциските приоритети на Конгресот. Арсовска потенцира дека оваа активност го надополнува политичкиот мониторинг од Европската повелба за локална самоуправа, која претставува темел на локалната демократија во Европа.