Додека европските престолнини тежнеат да бидат градови без автомобили, Скопје се задушува од се поголемиот број на возила

Денеска, 22 септември е Светски ден без автомобили. Сепак, ниту овој ден, ниту сите останати 364 дена во годината главниот град не може да се замисли без автомобили.

Од ден на ден се повеќе возила има на скопските улици, сообраќајниот метеж е се поголем, а со тоа расте и нервозата кај возачите. Утринските часови кога сите се упатуваат кон своите работни места, кон училиштата и факултетите, на улиците се случува колапс, а истата состојба се повторува и во попладневните часови кога сите се враќаат во своите домови.

Во Скопје сеуште градскиот превоз претставува превоз за пониски социјални групи, што е тотално погрешно. Доволно е да се погледнат земјите од европа за да може полесно да се прифати дека јавниот превоз е нешто што го користат сите граѓани за да го избегнат сообраќајниот метеж и секако да потрошат многу помалку пари, што не е случај доколку се превезуваат до работните места со својот автомобил. Она што може да се забележи на скопските улици е дека во најголемиот дел од автомобилите има само возач, па тоа понатака наведува дека од едно семејство, двајца возрасни користат два автомобили за секој сам да пристигне на работно место. Во разговор со граѓаните тие објаснуваат дека Скопје е задушен од автомобили и тоа во текот на целиот ден, не само во периодите на одење и враќање од работа.

-Тотален хаос е во Скопје, градот е задушен од преголемиот број на возила. Од ден на ден бројката само се зголемува, секое семејство има по два автомобили. Во Холандија жителите се договараат во кој дел од градот работат и со една кола до работа патуваат пет патници и секако трошоците ги делат на таа бројка. Кај нас е сосема спротивно, па еден брачен пар оди со посебни возила на работа, иако едниот работи на пример во центар, а другиот во населбата Карпош. Треба сите да станеме свесни дека автомобилите треба да ги замениме со јавен превоз или со велосипеди, да престанеме да го гушиме градот, а со тоа да престанеме и самите да се гушиме, вели Горан од населбата Аеродром.

Безмалку секој европски град се обидува автомобилот да го замени со јавен превоз или велосипед кој е најекономичното средство за превоз.

-Сеуште сме далеку од задоволителен процент на граѓани кои го користат велосипедот како превозно средство, но малку по малку како да се менува свеста. Сепак, загрижувачки е тоа што кај сите европски градови од година в година бројот на возила се намалува, додека пак, во Скопје бројката постојано се зголемува. Јас користам велосипедот како превозно средство, покрај тоа што е најпрајктично истовремено е и најекономично. Автомобилот со сопругата го користиме кога требаме да одиме некаде со децата и кога тоа е неопходно. Мора сите да вложиме за да ја промениме сликата во главниот град, бидејќи стварно е многу непријатно кога ќе забележам возило на брза помош и истото буквално не може да помине од сообраќајниот метеж. Самите ќе одлучиме како сакаме да живееме и во каква средина, вели Игор од населбата Црниче.