„Додека цела држава слави и се сонча, некој работи за мизерна дневница“, келнер од Скопје ги открива слабостите на системот во државата

Државниот празник „Илинден“, оваа година се празнува во вторник. За многумина од јавниот, но и од приватниот сектор, неработниот ден е одлична можност за продолжен викенд и посета на некоја од соседните земји, блиску до море или планина.  

Веројатно, очекувања дека Скопје ќе биде празно оваа година останаа само очекувања. На границите гужви, но слична е сликата и низ скопските сообраќајници. Па така, дел од приватните компании решенија деновите од продолжениот викенд за нив да бидат работни. Ова, посебно се однесува за угостителскиот сектор каде голем дел од рестораните и кафулињата остана отворен изминатите неколку денови, па скопјани уживаа во празничното кафе и празничниот ручек.

Но, празникот за некого е уживање, а за некого не. 

На нашиот инстаграм профил пристигна порака од Игор кој работи како келнер во еден од скопските локали и кој се пожали дека за нив нема празници, нема продолжени викенди, па дури и неделите кои за сите се слободни, тие ги работат. Игор вели дека недосатокот на работници во угостителскиот сектор, ова лето, дополнително го зголемил товарот кои тие го носат.

- Ако порано сме имале еден до два слободни денови во неделата, сега тие ги нема. Бидејќи нема кој да работи, ние што останавме во државата работиме седум дена во неделата, некогаш по две смени и цел ден. Сам држам цела смена во локал со повеќе од 20 маси, вели тој.

Додава дека како секој нормален човек и тие сакаат викендите или празниците да ги поминат со фамилијата, но ретко се случува тоа.

- Лошо е што за време на празниците обемот на работа е намален, а со тоа се намалува и прометот и приходот кој се остварува, вели тој и додава дека финансиската криза си го направила своето, па гостите се помалку може да се дозволат да остават сериозен бакшиш.

Игор раскажува дека угостителската работа и тешка и макотрпна, по цел дена си на нозе без разлика на тоа дали имаш некој здравствен или пак личен проблем, никој не те прашува тоа. 

- Дополнително, работата со луѓе е товар кој секој од нас мора да го носи и да најде начин како да се справи со него. Многу често се случува поради некој конфликт нервозата и стресот да ги однесеш дома по завршување на работното време. Како поминуваат годините гостите стануваат се понервозни и понетрпеливи, а тоа се одразува многу на нас, раскажува тој.

Игор е согласен дека државата мора да најде начин како да го регулира работењето во угостителските објекти. Апелира да не се дозволува работа „на црно“, но и да се земат предвид слободните денови кои следуваат, во согласност со законот, но и кои се потребни физички да се одмориш од работата од која се враќаш после полноќ.

- За време на празници некој се капе на море, сопствениците на локалите се капат профит, а ние се даваиме во слабостите на системот во државата на која и плаќаме даноци, разочарано констатира тој. 

Системски слабости има, а искусните менаџери добро знаат како да ги користат дупките во законот кој најчесто паѓаат на товар на работникот, заклучува тој и вели дека дефицитот на работен кадар со кој се соочува сега државата, следната година ќе биде уште поголем, бидејќи земјите кои имаат туристички капацитети нудат плати кои се многу попримамливи за луѓето од Македонија.

Жално е што за таква плата мора да го оставиш семејството и да заминеш на одалеченоста од илјади километри, но со ваков систем и ваква поставеност на работите, тешко е да се живее и преживее во Македонија, заклучува Игор.