Доцни вакцинацијата од сезонски грип

Наредната недела во Македонија почнува вакцинацијата против сезонскиот грип. Со доцнење од неколку недели, на пат кон земјава се 40 илјади дози кои ќе бидат беспплатни и дополнителни четири илјади за комерцијална употреба.

Наместо во октомври, што беше вообичаена пракса во изминатите години, вакцините пристигнуваат на почетокот на ноември, што според Министерството за здравство, е согласно со препораките на Комитетот за имунизација.

Од здравство соопштуваат дека се набавени француски четиривалентни вакцини, производ на Sanofi Pasteur.

Со нив бесплатно ќе бидат опфатени следните ризични групи: 

- Стари лица (над 65 години)

- Лица со хронични заболувања

- Здравствени работници

- Бремени жени

- Децата на возраст од шест месеци до 5 години

Матичните лекари досега немаат добиено упатства како ќе се реализира целиот процес во време на пандемијата на Ковид-19, ниту пак добиле термини за почнат да ги закажуваат заинтересираните.

Од Министерството одговараат дека веднаш по пристигнувањето на вакцините, ќе започне и закажувањето на термините, кое ќе се одвива со упат од матичен лекар.

Сезонската имунизација против грип ќе се одвива во шест поликлиники во Скопје - онаа во Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит Пазар, Ченто и во поликлиниката Јане Сандански.

Граѓаните кои се надвор од дефинираните ризични групи ќе можат да искористат една од четирите илјади вакцини кои ќе ги набаво Центарот за јавно здравје, а тоа ќе ги чини 800 денари. Покачувањето на цената на вакцината за разлика од минатата година, велат од здравство, е поради покачената набавна цена.

СЗО препорачува секоја година 40 проценти од населението да се вакцинира против инфлуенца, но според епидемиолозите во земјава се заштитуваат едвај пет отсто.