Добро утро животе!

Добро утро животе! Ти давам ветување дека денес ќе бидам најдобра верзија на себеси. Нема да го трошам денот со негативни мисли. Нема да се муртам поради тмурното време, туку ќе се обидам во себе да го пронајдам сонцето. Нема да замерувам ако некој ме погледне чудно и ако биде непријатен кон мене. И на непријатните луѓе им треба нежност, па ќе се потрудам да возвратам на љубезен начин. Ќе им се насмевнувам на минувачите, да ги потсетам дека има радост на овој свет, да се почувствуваат важно, барем на кратко да им го разубавам денот. 

На саканите луѓе ќе им подарам некаква ситница, за мали гестови не се потребни големи датуми. Секој момент од нашето постоење е причина за славење. Секој земен здив е чудо, секое трепнување со окото е подарок од Бог. Си давам ветување на себе дека со поголемо внимание ќе го набљудувам светот, дека повеќе нема да ја занемарувам убавината околу себе. Нема да се лутам ако ветерот ми ја разбушави косата, ниту ако ме наврне дождот. Ќе бидам дел од нив, затоа што и тие се дел од мене. Јас сум центар на мојот Универзум и нема никому да дозволам да ме убеди во спротивното. Јас знам што е најдобро за мене. 

Со подеднакво воодушевување ќе ги гледам и изгрејсонцата и зајдисонцата, оние надворешните, но и оние во мене. Тие со причина се тука. Бог не ги создал случајно. Нема да се лутам ако на патот налетам на препреки, ниту ќе ги молам другите да ги тргнат за мене, ќе го направам тоа без ничија помош. Ќе се запрашам зошто се тука? Што сакаат да ме научат? И ќе се молам за да го сфатам одговорот. Знам дека сум на оваа планета за да учам, а доволно пати паѓав на истите испити.

Животе, дај ми го сето она што мислиш дека можам да го поднесам, сакам нови искуства, искушенијата стануваат моја радост и веќе не ми предизвикуваат лутина. Животе, нема повеќе да се кријам зад другите и чувствувам бескрајна благодарност што почнувам да ја освестувам својата снага, вредност и своите таленти. Повеќе нема да се кријам во позадина, ете ме мене во првите редови. 

Денес ќе бидам најдобра верзија на себеси. Уште денес почнувам со промени и ќе останам да живеам во сегашниот момент, затоа што времето е илузија, минатото и иднината не постојат, тоа се само облици на мислата.

Добро утро животе!

Фала ти за уште една можност за нов почеток, за секој нов чекор, за секое ново скалило на патот кон себе, кон целта кое се нарекува „Ново ЈАС“.

Добро утро животе!