Добро дело без публика - колку им помагаме на другите кога нема награда, признание или публика?

Постои  добрина за која нема аплауз.

Photo by Kelly Sikkema on Unsplash

Никој не знае дека си помогнал. Нема фотографија, објава, благодарница, признание или човек што ќе ти каже дека си направил нешто големо. Одлуката што си ја донел останува меѓу тебе и твојата совест. Но, токму одлуки можат да кажат најмногу за човекот.

Лесно е да бидеме добри кога некој гледа. Кога добрината носи благодарност, подобра слика за нас самите или признание од другите, таа има и социјална награда. Потешко е кога никој нема да дознае. Тогаш исчезнува прашањето „Што ќе мислат другите за мене?“ и останува само едно друго: „Каков човек сакам да бидам?“

Ова прашање е особено силно во време во кое голем дел од нашите животи се одвиваат пред публика. Споделуваме каде сме биле, што сме направиле, кого сме поддржале, што сме постигнале и во што веруваме. Дури и добрите дела лесно стануваат содржина. Добротворната акција има фотографија. Волонтирањето има објава. Помошта има приказна.

Сето тоа не значи дека јавната добрина е помалку вредна. Напротив, јавното однесување може да инспирира други луѓе и да придонесе за поголема солидарност. Но постои разлика меѓу доброто што го правиме затоа што некој ќе го види и доброто што го правиме и кога нема публика.

Психологијата долго време се занимава со прашањето зошто им помагаме на другите. Човечкото однесување не се води само од една мотивација. Помошта може да произлезе од емпатија, чувство на должност, лични вредности, желба да избегнеме вина или очекување дека и ние ќе добиеме помош кога ќе ни биде потребна. Кај луѓето постои и силна потреба за припадност: сакаме да бидеме дел од заедници во кои луѓето се грижат едни за други.

Но постои нешто интересно во моралните одлуки што ги носиме без публика. Кога нема надворешна награда, одлуката повеќе зависи од внатрешните вредности. Наместо да размислуваме како ќе изгледаме во очите на другите, мораме да живееме со сопствената одлука.

Во реалниот живот, моралните одлуки ретко изгледаат како големи филмски сцени. Почесто се мали. Тие можат да се случат на следниот начин:

  • Да застанеш на страната на човек кој нема моќ.
  • Да кажеш дека нешто не е во ред кога сите други молчат.
  • Да му помогнеш на некого иако нема што да ти врати.
  • Да не искористиш туѓа слабост кога имаш можност.
  • Да не кажеш нешто што знаеш дека ќе повреди само затоа што можеш.

Овие избори не изгледаат спектакуларно,  немаат голема приказна зад себе. Но од нив постепено се создава карактерот.

Невронауката ни покажува дека моралното однесување е поврзано со сложена мрежа на мозочни процеси кои вклучуваат емпатија, проценка на последиците, донесување одлуки и регулација на импулсите. Кога гледаме дека некој страда, мозокот може да реагира на неговата состојба како на социјално значаен настан. Но да почувствуваме туѓа болка и да одлучиме да постапиме поинаку се две различни работи.

Меѓу чувството и однесувањето постои простор во кој ја носиме моралната одлука.Тој простор е важен. Можеме да видиме неправда и да продолжиме понатаму. Можеме да почувствуваме сочувство и да не направиме ништо. Можеме и да направиме нешто, иако тоа бара време, ризик или лична жртва.

Затоа карактерот не се гледа само во она што го чувствуваме. Се гледа во она што го правиме со таквото чувство.

Добрината без публика има уште една важна димензија. Таа нè ослободува од потребата постојано да се гледаме низ очите на другите. Ако никој нема да дознае дека сме помогнале, тогаш нема што да освоиме во туѓите очи. Останува само сопственото чувство дека сме постапиле во согласност со она во што веруваме. Во тоа има нешто многу послободно од потребата да бидеме видени како добри луѓе.

Затоа и највредните добри дела не се оние за кои најмногу се зборува. Тоа се малите одлуки што никогаш нема да станат приказна. Вратена работа што можевме да ја задржиме. Помош дадена без очекување. Простување кое никој не го побарал. Одлука да не повредиме човек кој не може да ни возврати. Збор кажан во момент кога друг човек има потреба да почувствува дека не е сам.

Светот не се менува само преку големи гестови. Се менува и преку начинот на кој луѓето се однесуваат едни кон други кога нема публика.

Најважното прашање не е дали сме добри луѓе, туку какви луѓе сме кога никој не гледа.