„Добредојде бебе“: Во рок од 48 часа родителите ќе добијат матичен извод во породилиштата

Проектот „Добредојде бебе“ стартува од 24 јули и оваа услуга ќе биде достапна во породилиштата во Скопје, додека од 1 септември – услугата ќе биде достапна во сите 18 породилишта во Македонија.

Министерството за здравство во соработка МВР и Министерството за правда воведува новина, со која на родителите, на доброволна основа им се олеснува постапката за вадење извод на матична книга на родени. Со оваа новина, родителите нема веќе да чекаат на шалтери, туку изводот на матични книги ќе го добијат во рок од 48 часа, за време на престојот во породилиштето.

Во првите осум часа од раѓањето на детето, со важечки документ за лична идентификација, родителите треба да потпишат изјава за согласност за обработување на личните податоци. Двајцата родители треба да бидат присутни пред потпишување на обрасците, а претходно треба да бидат договорени личното име на детето и живеалиштето.

Процедурата ќе се одвива на тој начин што овластениот здравствен работник ќе се најави во интегрираниот здравствен информатички систем МојТермин и ќе пополни пријава за индивидуална евиденција за породување, по што следи печатење на обрасците, кои ги потпишуваат родителите по проверка на точноста на податоците и овластеното лице понатаму ги доставува податоците до надлежните институции.

Со овој процес, родителите во рок од 48 часа ќе го добијат изводот, но доколку мајката замине од болница порано од предвидените 48 часа, тогаш родителите имаат можност да го подигнат изводот од родилиштето.