Добрата намера на Филипче, нападната од гневните родители

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на својот профил на Фејсбук објави дека ја вакцинираше внуката Илина во обид да ја охрабри македонската јавност и особено скептиците и конспираторите против имунизацијата.

„Единствено добро што родителите можат да направат за своите деца е да им овозможат добро здравје, грижа и многу љубов. Утрово, во амбулантата Млин Балкан ја вакциниравме мојата внука Илина. Вакцините се безбедни, ефикасни и нѐ заштитуваат од разни болести“, напиша Филипче .

По оваа објава родителите почнаа бурно да реагираат на социјалните мрежи

Најмногу лајкови имаше коментарот на Елена Атанасова која напиша: Aхаха, со која вакцина...Со витамин Б6.

Јулија Давидковкса вели: Ова сигурно не е МРП вакцина, таа се дава на 13 месеци, а не на 4-5 месеци. Кого лажете министре? Толкава прашина се крена за МРП вакцината не за другите вакцини. Не пиеме нафта, а и кој знае што вакцина е ова и дали воопшто ја боцнале.

 Ана Ана пишува: Зошто е потребно вакво нешто, и сега треба да верувам дека се е во ред со вакцината, искрено воопшто не ме интересира дали сте ја вакцинирале внуката.

Ивана Иванова коментира: Колку е ова глупо, да ја вакцинираш внуката за да му докажеш на народот дека вакцините се во ред, а скандалот што ве тресе мислите ќе се заборави?

Александра Новевска Павловиќ коментира: Прво велите министерот нека си ги вакцинира своите деца, па после нека збори. Еве човекот ја вакцинирал својата внука па повторно коментирате дека ова е многу глупо...

Тијана Димова Веселиновиќ прашува: Да не е со тие со погрешна декларација? Дека нели супер се тие ,само техничка грешка имаат.

Луиза Микова вели: Не ми се верува какви скептици се овие млади родители па вашите родители ве носеле на вакцини, мислам дека премногу си давате важност дека сте новопечени родители.

Министерството за здравство соопшти дека вчера до 13 часот, на Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани седум деца на возраст од две години со симптоми на мали сипаници (морбили). Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале детската градинка „Сонце“. За овие седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда.

Инаку, досега се заболени осум деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината. Инаку, во групата имало 28 деца сите невакцинирани.

Од 16 декември до денеска вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица се уште се хоспитализирани, а девет се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е осуммесечно бебе, а најстариот има 33 години од Скопје. Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче (општина Аеродром) – вкупно девет деца.

Инаку, од вкупниот број заболени, осум пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување. Според податоците од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили. Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 лица, а само денес до 13 часот вакцинирани се 85 деца.

Од Министерството повикуваат децата да се вакцинираат и посочуваат дека има доволно количини МРП вакцини. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење, наведуваат од Министерството.