Стани.
Стани порано.
Стани порано за да успееш да го направиш она што вчера не си успеал да го направиш, а осудувачки те гледа од твојот список.

Кажи ѝ „Добро утро“ на твојата сосетка, иако еве веќе втора година од некоја непозната причина ја трга главата настрана кога ќе те види. Па добро сосетке, кажи „Добро утро“, нема да ти отпадне јазикот. Човек ништо не може да го упропасти во денешно време како што тоа може да го направи доброто воспитување. Утре дефинитивно нема да ја поздравам.  Од денес само протеини и здрави масти. Шеќери, само ако се нерафинирани, исклучително овошје. Мораш да бидеш силен, но никако грубијан. И поправи го веќе тој менуваш, нема да ти одземе повеќе од половина час.

Па да, ќе го одмрзнам телешкото, мајка ми нека им направи нешто на децата. Јас ќе го јадам гулашот од завчера.

Стани. Стани и биди како татко ти, кој секое утро се будеше во 5, се бричеше и облекуваше една од 17-те уредно испеглани кошули, наредени по бои. Мораш да се ослободиш од гардеробата која не ја носиш. А не би било лошо и шминката да ја освежиш. Види на што личиш.

А ти, фрли ги сите кошули со кратки ракави – така велат сите. Вистинскиот маж не носи чадор, ни торбичка, сандали, розеви бои, знае како со машини, одводи, топки, се разбира од политика, економија. И никогаш, ама баш никогаш не плаче. Собери се!

Јави им се, викни ги на пиво. Социјализирај се, не можеш вечно да се вадиш на умор. Мораш да бидеш со луѓе. На работа само проактивно и со иницијатива, но внимавај да не прескокнеш некого во хиеархијата и да го загрозиш. Кажи што те мачи, зборувај, ама немој да кукаш. Отвори се човеку, тука сме за тебе.

Вас, на младите, сѐ ви е стрес. Ние во наше време бевме среќни со 13-та плата, стан од фирма, регрес, зимница, фармерки од Трст и Нова година на приморје. Вам денес ништо не ви одговара. И што ви значи тоа „напад на паника“, тоа во наше време не постоеше! Верувај во себе, на секој агол. Верувај во себе во маркет, на интернет, во фитнес сала, во банка, на станица, во кревет. Само позитивно.

Биди свој, ама не премногу. Каде ми е списокот? Како каде, па во мобилен, секогаш со мене. Те сакам и јас тебе, ама навистина немам време. Денес забар, до утре ми е оној рок на работа, а следниот ден морам да поминам кај мајка ми и татко ми. Мораш подобро да се организираш. Мораш подобро и поквалитетно да живееш. Едноставно мораш подобро. Најважни се знам, но мораш да имаш живот и покрај нив. Тие понекогаш можат и без тебе.

Исправи се, хидрирај се, трепкај пред компјутер, тренирај, само љубов, само позитивно.
Едноставно мораш.

Драги мои, во оваа приказна не се повредени ничии очекувања. Ниту сопствени, ниту туѓи. Ќе биде исполнето сѐ што е побарано од мене како поединец. Сѐ ќе биде – само да станам. Но, пред тоа, морам да легнам, затоа што навечер е мрак, а тогаш дури и очекувањата спијат.