Добра најава за наставниците! Платите ќе им пораснат за 10%

Просветните работници во Македонија ги очекува ново зголемување на платите во март 2027 година.

Според најавата на министерката за образование и наука Весна Јаневска, платите на вработените во училиштата ќе пораснат за 7,5 до 10 проценти, зависно од движењето на инфлацијата.

Најавеното зголемување следува по договорот постигнат со СОНК, со кој платите во образованието досега се зголемени за повеќе од 20 проценти.

Дополнително, околу 300 наставници и стручни соработници напредувале во повисоки професионални звања – ментори и советници, што носи и повисоки месечни примања.

Од Министерството за образование и наука уверуваат дека оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето едносменска настава нема да значат отпуштања. Јаневска посочи дека ниту еден наставник кој е редовно вработен нема да го загуби работното место.

Со новото покачување, Владата најавува продолжување на политиката на раст на платите во образованието, додека промените во организацијата на наставата треба да се спроведуваат без намалување на бројот на редовно вработените наставници.