Добивте високи сметки за струја? - ЕВН ќе порамни следен месец

Токму во екот на пандемијата со ковид-19, македонските граѓани се пожалија дека им пристигнале значително повисоки сметки за електрична енергија, а од ЕВН велат дека нема потреба за загриженост затоа што сметките ќе бидат порамнeти.

Еден наш читател ни испрати порака во која јасно може да се забележи разликата во сметките за струја во последните три месеци, а таа за април е многу повисока од претходните.

– Во февруари и во март најверојатно не биле прочитани броилата, па поради тоа добив паушал кој е помал од просечниот, но затоа пак во сметката за април, и покрај тоа што никој немаше во домот повеќе од месец и половина добив сметка од 3.000 денари. Тоа навистина е многу чудно, поради тоа што од средината на март до сега во станот нема буквално никој кој би можел да потроши струја. Но ова не ми се случи само на мене, мои роднини и пријатели исто така се пожалија на повисоки сметки за електрична енергија – вели читателот за Плусинфо.

Одговор побаравме од ЕВН која е причината за ваквата енормна разлика во сметките, но оттаму велат дека сметките ќе се порамнуваат по олабавувањето на рестриктивните мерки. Оттаму додаваат дека според закон и правилата, дистрибутерот има обврска еднаш во годината да го чита броилото. Но ЕВН за да излезе во пресрет на корисниците отчитува секој месец освен во посебни ситуации кога нема пристап до брилото, за време на годишните одмори и слично.

– Но во моментов отчитувањата не се реализираат поради препораките на здравствените власти и Регулаторната комисија за енергетика за да се спречи ширењето на вирусот. Многу од броилата некаде околу 200.000 се наоѓаат во домовите на корисниците и во време на пандемија отчитувањето не е препорачливо. Но сакам да нагласам дека ниеден корисник нема да биде оштетен. ЕВН никогаш нема да наплати од корисниците повеќе од тоа што корисниците го имаат потрошено. По завршување на вонредните мерки, со следното отчитување ќе се израмнат евентуалните отстапувања направени при проценка на потрошувачката – вели за Плусинфо, портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски.

Ковачевски додава со цел да се избегнат вакви ситуации граѓаните можат самите да направат отчитување на нивните броила за струја и потоа да ја достават состојбата до операторот на електро-дистрибутивниот систем преку новата онлајн услуга „Пријави состојба“. Таа, според Ковачевски, е многу лесна за користење, па согласно пријавените состојби на корисникот ќе му се изготви фактура во редовниот период на фактурирање на кој корисникот му припаѓа.

izvor - plusinfo.mk