Добила лажна СМС-порака за наводно сторен сообраќаен прекршок кој требало да го плати - велешанка жртва на измама

Вчера во 16:00 часот во СВР Велес, 43-годишна велешанка пријавила дека била измамена за сума од 16.592 денари.

Како што се наведува во полицискиот билтен и според пријавеното, на 05.05.2026 добила СМС порака за наводно сторен сообраќаен прекршок кој требало да го плати. Во пораката имало линк од веб страна со насоки за плаќање и било наведено дека доколку ги следи упатствата ќе плати само половина од сумата за прекршокот.

Откако ги внела податоците од својата банкарска сметка, во неколку наврати добила порака за неуспешно плаќање, а подоцна забележала дека од сметката ѝ биле одземени пари.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Неодамна од Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи ја информираа јавноста дека била забележана зачестена појава изминативе денови, каде непознати лица преку странски телефонски број +639606963624 испраќаат на македонски корисници пораки за наводно регистриран сообраќаен прекршок и бараат наплата со платежна картичка за истиот на лажна веб страна.