До следната девојка која ќе го љуби...

Тоа момче е нешто посебно, зарем не? Сигурно убаво го гледаше кога првпат го здогледа. Сигурно им збореше на другарките за првиот пат кога излеговте. Знам, и јас бев иста таква. Најверојатно ти е чудно што го читаш ова, но само сакав да знаеш неколку работи за ова момче кое не ти излегува од глава, па дури и да ти дадам неколку совети.

Прво, сакам да знаеш дека ова ќе биде авантурата на твојот живот. Заљубувањето во него ќе биде едно од најголемите искуства во твојот живот. Јас имав привилегија да поминам со него 13 месеци полни со љубов, авантура и живот и тоа беа најдобрите месеци во мојот живот. Се надевам дека ќе го држиш за рака и дека ќе бидеш покрај него додека заедно откривате нови места, работи и запознавате нови луѓе. 

Се надевам дека си чудна како него. Кога тој ќе се опушти со тебе, не се знае што може да направи. Може да ти праќа слатки и чудни селфиња онака, само да те насмее. Препушти се на моментот и ти биди своја со него. Имајте некои свои слатки танцувачки потези и смејте се самите на себеси. Имајте будалести слики еден од друг. 

Секако, нема секогаш да биде мед и млеко. Ќе има моменти кога ќе сакаш да си ја искорнеш косата од бес. Те молам имај повеќе трпение и разбирање за него. Сфати дека тој има свој начин на кој ги искажува своите чувства. Тој можеби нема веднаш да сака да разговара после кавга, но секогаш наоѓа начин како да се искупи. 

Што и да се случи, те молам не се труди да го менуваш. Ако доволно те сака, ќе биде подготвен на компромиси, но не се труди да го промениш. Прифати го онаков каков што е. Тоа значи да ги прифатиш неговите стравови, пороци, неговото минато и неговата навика понекогаш да заборави да ти пише со кого е и што прави. Само запомни дека и ти сигурно не си совршена. И ти си имаш свои мани, а сепак еве го, те сака баш таква каква што си. И ако си среќничка, тој самиот ќе почне да се менува на подобро, без ти да го форсираш. 

И за крај, сакај го најмногу што можеш, колку што можеш подолго. Тој е еден од најшармантните, најиритантните, најобземувачките луѓе и тешко дека ќе сретнеш некој како него. На крај, дури и да раскинете, пушти го со насмевка, благодарна за прекрасните спомени кои сте ги создале. 

Се надевам дека исто како и мене, ќе можеш да погледнеш назад и да се сетиш на сите убави моменти кои сте ги поминале заедно и дека тоа ќе биде посилно од тагата и лошите моменти. 

Се надевам дека исто како и мене, ќе бидеш благодарна за момчето со поспани очи кое го научи твоето заспано срце како да живее и сака.