„До несреќата дошло при претекнување и судар меѓу два автомобили“ – ОЈО Прилеп со детали за несреќата кај Плетвар

Две лица го загубија животот, а петмина се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи попладнево во близина на Плетвар, на патот Прилеп – Росоман, соопшти Основното јавно обвинителство Прилеп.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар меѓу два автомобили кои се движеле во иста насока. Едно од загинатите лица е возачот на едното возило.

На местото на несреќата увид извршил дежурен јавен обвинител, кој издал наредби за прибирање траги и докази, како и за изработка на сообраќајно и машинско вештачење на возилата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или други психоактивни супстанции.

Од обвинителството информираат дека се преземаат сите неопходни дејствија за целосно утврдување на причините за несреќата, во која животот го загубија две лица, а петмина беа тешко повредени.