До мојот таканаречен пријател...

Имав еден пријател. Всушност, мислев дека имам пријател. Брат. Заедно ги поминавме 20-тите години, градевме кариери, наздравувавме во диска, споделувавме тајни, стравови и желби. И како што растевме, напредувавме на работа, си бевме критичари еден на друг, си бевме рамо за плачење, рака за спас.

Тогаш тој реши дека некои други луѓе треба да му бидат приторитет, друштво за кафани, работи и успеси, затоа што од моментот кога станав мајка, дојде до природна промена во моите приоритети. Но, јас бев покрај него и го слушав како му оди или не му оди во животот, како луѓето не го разбираат, како се прашува дали повторно да ја менува работата, итн...

Јас бев тука да слушам, затоа што кога ќе дојдев јас на ред да кажам нешто за мојот живот, тој секогаш брзаше некаде и ми ветуваше дека ќе ми се јави. И навистина се јавуваше. Се јавуваше секојпат кога му требаше рамо за плачење, превоз или бесплатен ручек. 

И тогаш животот реши да го тестира нашето пријателство, како што тоа обично бива. Животот реши да ми постави сопка, па ми дозволи да ја подадам раката за да побарам прегратка, рамо, рака да ми помогне да станам.  Живеев во заблуда. Мојот таканаречен пријател одамна престана да ја почитува неговата главна улога во мојот живот. 

Како никогаш да не ги поминувавме заедно и деновите и ноќите, решавајќи ги мистериите на нашите животи, додека фантазиравме за работите кои ќе ги правиме и секако анализирајќи ги љубовните избори во нашите животи. Мојот таканаречен пријател, сега има нови пријатели со кои наздравува по кафани и ја надоградува својата кариера. Пријатели кои и не ги сакаше баш толку додека ги озборуваше истите тие луѓе пред мене, пријатели кои до пред 10 години никогаш не би ги нарекол пријатели. 

Но, тоа е животот...

Брату, пријателу,

Веројатно животот нѐ реди како домино, а потоа сите нѐ руши, еден по еден. Кој ќе остане да стои или кој ќе ти го чува грбот за да не паднеш ти и натаму има право да биде во твојот живот. Но, ти дури не ни смееше да стоиш до мене, само постоиш додека животот нѐ шутка наваму-натаму.

Остани ми среќен, мој таканаречен пријателу и не заборавај една работа:

„Среќата ги создава пријателите. А неволјата ги проверува.“