До крајот на октомври, православните христијани ќе ги празнуваат овие три големи апостоли!

До крајот на месец октомври, православните христијани ќе ги слават деновите посветени на апостолите, Тома, Јаков и Лука.

Светиот апостол Лука се слави на 19. октомври, Светиот апостол Јаков на 22. октомври, а Светиот апостол и евангелист Лука се слави на 31 октомври.

Тома е еден од Дванаесетте големи апостоли. Со неговиот сомнеж во воскресението на Господ Исус Христос беше придобиена нова потврда за тој чудесен и спасоносен настан. Имено, воскреснатиот Господ повторно им се јави на учениците за да го увери Тома. И му рече Господ на Тома: „..дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!“ И Тома возвикна: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20). По слегувањето на Светиот Дух, кога апостолите ги мешаа жрепките каде кој ќе оди на проповед, на Тома му падна жрепка да оди во Индија. Тој малку се нажали што мора да оди во толку далечен крај, но Господ му се јави и го охрабри. Во Индија, свети Тома многумина, големци и сиромашни, ги обрати во верата Христова и ја заснова таму Црквата и постави свештеници и епископи. Кнезот Муздиј, маж на Тертијана, кому што Тома му ги крсти жената и синот, го осуди апостолот на смрт и испрати петмина војници коишто го прободоа со пет копја. Така си ја предаде душата во рацете на Христа светиот апостол Тома. Пред својата смрт и тој, како и другите апостоли, беше чудесно пренесен на погребот на Пресвета Богородица. Но бидејќи пристигна доцна, горко зажали, па на негова молба го отворија гробот на Пресветата, но внатре не го најдоа Нејзиното тело. На таинствен начин Господ Ја беше зел Својата Мајка во Неговите небесни живеалишта. И така Свети Тома, којшто со своето неверување ја утврди верата во Христовото воскресение, во овој случај задоцнувајќи ни го откри чудесното прославување на Богородица.

Јаков е син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Египет, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело, свети Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господа Исуса Христа. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабошци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Египет, во градот Острацин, распнат на крст од незнабошците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.

Лука бил роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, свети Лука беше вбројан меѓу Седумдесетте апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на светиот апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожшците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните светиот апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После маченичката смрт на апостолот Павле, свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица - и тоа не една туку три икони - а исто така, и светите апостоли Петар и Павле. Оттука, свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Египет. Од Египет се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслинка во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.