До крајот на месецот „гумени перничиња“ во Лисиче

Иако им беше ветено на жителите на Населба Лисиче дека до 15 октомври долж „12-та Македонска ударна бригада“ на четирите раскрсници ќе бидат поставени по четири гумени перничиња на двете страни од булеварот, сепак од тоа ништо не се случи.

„Слободен печат“ дојде до информација дека од Град Скопје бил доставен налог до Ј.П. „Улици и патишта“ за поставување на ветените перничиња, при што контактиравме до надлежните лица во ова претпријатие до каде е постапката.

– Тендерот е во завршна фаза, се очекува во текот на следните неколку дена да биде потпишан договорот со фирмата извршител. Според законските прописи, по потпишувањето на договорот е предвиден рок од 15 дена за жалба, доколку нема, договорното лице има рок од 15 дена да ги испорача. Веднаш штом ќе ги добиеме, истите ќе бидат поставени долж булеварот – ни изјавија до Ј.П. „Улици и патишта“.

Од ова претпријатие велат дека се запознаени со случајот и загрозената сообраќајна безбедност на жителите од оваа населба, затоа што како велат и тие, на овој булевар се вози со многу голема брзина, а несовесните возачи не внимаваат на пешаците. Тие исто така велат дека доколку овие перничиња не го решат проблемот, најидеално решение ќе биде изградба на кружни текови на барем две од раскрсниците.

Инаку за потсетување, жителите на Населба Лисиче десет дена протестираа долж булеварот барајќи да се постават семафори на булеварот „12-та Македонска ударна бригада“ со цел да се стопираат бесните возачи кои „лудуваат“ на оваа делница, а притоа се загрозува безбедноста на сите жители на оваа населба.