До крај на месецов сите фонтани и јавни чешми ќе бидат исклучени

Јавните чешми и фонтани ќе останат функционални само уште кратко време, неполни десетина дена. Ова го потврдија и од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, кои се одговорни за функционирањето на градските чешми и фонтани, но и за нивното конзервирање и подготовка да се заштитат за претстојниот зимскиот период.

Затворањето на дел од јавните чешми и фонтани е веќе започнато, иако периодов имаме невообичаено топли денови во есен со изразени летни температури.

Многумина токму на јавните чешми и фонтани сѐ уште ја гаснат својата жед. Тоа е и нивната основна функција во сите градови. Но покрај тоа што јавните фонтани и чешми се потреба на граѓаните, тие претставуваат и украс на еден град. На територијата на Скопје има околу 220 јавни фонтани и чешми, но не се сите под надлежност на јавното претпријатие.

– Затворањето на јавните фонтани и чешми е почнато и ќе заврши до крајот на месецот. За да ги конзервираме мора да ја испразниме водата од нив, а потоа и да ја исклучиме. Исто така, некои од украсните фонтани ги покриваме за да ги зачуваме подобро – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Во развиените градови покрај тоа што се внимава на потребата од јавни чешми и фонтани, на нивниот функционален аспект, важен акцент се става и на нивната естетика, на нивната убавина. Атрактивните урбани решенија на некои фонтани претставуваат украс на Скопје и се убави места за одмор, кои истовремено го привлекуваат и вниманието од граѓаните и туристите. Токму затоа тие треба да бидат функционални во топлиот временски период, но граѓаните кон нив треба да покажуваат грижлив однос, наместо да ги оштетуваат и да ги полнат со ѓубре. Неретко и ги расипуваат градските чешмички. Во овие топли денови, кога дневните температури во Скопје се искачуваат и повисоко од 25 Целзиусови степени, јавните чешми и фонтани и тоа како претставуваат посетени места од скопјани и од сите намерници и случајни минувачи.